Мексиканскиот актер Адан Канто, ѕвездата на серијата „Наркос“ („Narcos“), почина вчера по тешката здравствена состојба со ракот, пишува „Варајети“.

Канто почина на 42-годишна возраст, а зад себе ги остави сопругата Стефани Ен Канто и двете деца Роман Алдер и Ева Џозефин.

„Срцето ни е скршено поради смртта на Адан Канто. Тој беше прекрасен актер и драг пријател. Ни беше чест да го имаме како дел од семејството на ‘Ворнер брос’ и ‘Фокс ентертејнмент’ од неговото американско деби пред десетина години. Ова е незамислива загуба и тагуваме заедно со неговата сопруга Стефани, нивните деца и најблиските. Неизмерно ќе ни недостига“, се вели во соопштението на „Ворнер брос“ и „Фокс ентертејнмент“.

Адан Канто е роден на 5 декември 1981 година, во Мексико. Тој пораснал во Тексас и уште во раната младост се посветил на музичката кариера. Тој напишал песни за неколку мексикански телевизиски емисии и филмови и на крајот завршил на сцената во адаптацијата на филмот „Сè за мојата мајка“ („All About My Mother“) на Педро Алмодовар.

Неговата прва телевизиска улога била во серијата „Состојба на благодат“ („Estado de Gracia“) во 2009 година.

Американското актерско деби на Канто беше во крими серијата „Следбениците“ („The Following“), со Кевин Бејкон во главната улога.

Што се однесува до филмовите, неговата најзначајна улога беше онаа во „Икс-мен: денови на идното минато“ („X-Men: Days of Future Past“) во 2014 година.