Тони Менкиновски, Јовица Страшевски, Славчо Секулов се имињата на адвокатите кои Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за грабнувањето и убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски би сакал да го бранат во случајот против него. Најпрвин се очекува нивниот одговор, односно дали некој од нив ќе го прифати ангажманот за потоа Палевски да биде повикан пред судија на претходна постапка да се произнесе за околностите под кои јавниот обвинител му изрече 30 дневен притвор.

„Официјално ништо немам добиено од судот, но, за жал и да добијам сега моментално сум на службено патување надвор од Македонија во Италија и сум отсутен и не сум во можност да го прифатам ваквото барање, доколку би го добил“, вели Менкиновски за Телма.

Ништо официјално не добил и Страшевски кој во телефонски разговор рече дека повеќе не може да коментира. Со Секулов пробавме да контактираме, но засега безуспешно, бидејќи е недостапен. До Кривичниот суд се уште не стигнала информација дека некој адвокат има полномошно од Палевски да го застапува.

Доколку ниту еден не одговори позитивно на поканата на Палевски ќе му биде определен адвокат по службена должност. Палевски на 15 мај беше екстрадиран во земјава со редовен лет на Туркиш Ерлајнс по околу 5 месеци од неговото апсење во турскиот град Баликесир. Во отсуство му беше изречен притворот. Од аеродромот до затворот беше транспортиран со 4 цивилни автомобили на единицата за соработка со Интерпол.