Судењето за случајот „Шпански скали” се одложува за 18 јануари 2022 година поради повреда на првобвинетиот, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска на почетокот на денешното рочиште, информираше дека одбраната на Јанакиевски доставила оригинален документ од медицински преглед од 13.12.2021 година во „Аџибадем Систина”.
„Со оглед дека станува збор за фрактура на колено и се препорачува строго мирување на обвинетиот, денешното рочиште се одложува“, изјави судијката Јанчулева Михаиловска.
Во случајот „Шпански скали“, покрај ексминистерот Јанакиески, обвинети се Димитар Димовски, Билјана Дејановска-Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска и Марјан Јованов.
Тие се товарат дека со незаконската продажба на парцелите пред зградата на ЕВН на плоштадот во Скопје ја оштетиле државата за 2,6 милиони евра.