Извлекувањето на Србија и Швајцарија во иста мундијалска група за СП 2022 веднаш ги разбуди спомените за прославата на головите на Џердан Шаќири и на Гранит Џака на СП 2018 во Русија.
Швајцарците со косовско потекло со „летање на орли“ ги прославија своите погодоци, предизвикувајќи бес кај противникот, за што ФИФА своевремено спроведе и истрага за евентуално мешање на политиката во спортот.
Сепак, од швајцарскиот табор веднаш по вчерашната ждрепка стигна најава дека таков инцидент веќе нема шанси да се повтори.
„Овојпат ќе биде фудбалски меч во кој сите ќе уживаат. Ние како федерација имаме одлични односи со Фудбалскиот Сојуз на Србија и нема да ги нарушиме. Не сакам никаква полемика околу оваа средба, знаеме што се случи пред четири години во Русија, но овојпат ќе биде поинаку, јас ви го гарантирам тоа. Нема да има никакви провокации. Ајде да зборуваме за фудбал, за три средби со држави кои ни се пријатели во светот на фудбалот, не сакам ниту да разговарам за нефудбалски работи“, изјави првиот човек на Швајцарската Фудбалска Асоцијација, Доминик Блан.