Израелската армија соопшти дека е подготвена за војна по масовниот напад врз Израел во саботата од палестинскиот Појас Газа, а Хамас најави почеток на воена операција против Израел, јавуваат светските агенции. Исламистичкото движење Хамас утрово го започна својот најголем напад врз Израел во последните години, отворајќи жесток ракетен истрел од Појасот Газа додека вооружени лица ја преминаа границата.

Додека се слушаа предупредувачки сирени низ јужен и централен Израел, вклучувајќи го и Ерусалим, израелската војска соопшти дека е подготвена за војна, а премиерот Бенјамин Нетанјаху свика итен состанок на безбедносните службеници. Инцидентот е најсериозен откако Израел и Хамас водеа 10-дневна војна во 2021 година, при што израелските медиуми известуваат за вооружени судири меѓу палестинските милитантни групи и безбедносните сили во јужните израелски градови.

Воениот командант на Хамас Мохамад Деиф најави почеток на „воена операција“ против Израел, повикувајќи ги Палестинците насекаде да се борат.

„Ова е денот на најголемата битка за ставање крај на последната окупација на земјата“, рече тој, додавајќи дека биле истрелани 5.000 ракети. Според службите за итни случаи, во ракетните напади загинала една Израелка, а 15 се повредени. Израелската војска соопшти дека нејзините сили дејствуваат во Газа, но не наведе детали.

„Голем број терористи се инфилтрираа на израелска територија од Појасот Газа“, се вели во соопштението на армијата, додавајќи дека на жителите од областа околу Појасот Газа им било кажано да останат во своите домови. Напаѓачите, велат од армијата, дошле по копно, воздух и море.

Израелските медиуми објавија дека вооружени лица отвориле оган врз минувачите во јужниот израелски град Сдерот, а снимките кои кружат на социјалните мрежи покажуваат судири на улиците на градот, како и вооружени мажи во џипови.

Палестинските медиуми исто така објавија дека голем број Израелци биле заробени од борци, а медиумите на Хамас објавија видео на кое очигледно се гледа уништен израелски тенк. Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху соопшти дека тој ќе се сретне со највисоките безбедносни претставници во следните часови, а министерот за одбрана Јоав Галант одобри мобилизација на резервистите.

Галант прогласи „специјална безбедносна операција“ во радиус до 80 километри од Појасот Газа за да може израелската армија подобро да ги заштити цивилите.

Во Газа можеше да се слушне татнеж од ракетни истрели, а жителите известија за вооружени судири долж разделната ограда со Израел, во близина на јужниот град Кан Јунис, и рекоа дека забележале значително движење на вооружени борци. Израелската служба за итни случаи соопшти дека тимови биле испратени во области во јужен Израел во близина на Газа.