Две лица загинаа синоќа од струен удар што се случи при замена на светилка на јавното осветлување во селото Удурлија кај Бугојно во Босна и Херцеговина.
Како што потврди за порталот „Аваз“ портпаролот на МВР Хасан Хоџиќ, несреќата била пријавена во 18 часот.
Ја менувале светилката
– Две лица загинаа, додека две се повредени при обид да заменат светилка на столб. Веднаш по добивањето на пријавата, припадници на полицијата излегле на местото на настанот и во соработка со надлежното кантонско обвинителство почнале да преземаат мерки од нивна надлежност – изјави Хоџиќ за порталот.
Загинале Никица Радиќ и Перо Бржица, додека со повреди се здобиле Ј.Ш. (1963) и З.Д.(1972). Оваа информација за медиумите ја потврди градоначалникот на општина Бугојно, Хасан Ајкуниќ.
Повредените се пренесени во болница
Трагедијата се случи за време на традиционалната манифестација „Удурлијада“. Истрагата на терен ја вршат припадници на полициската станица Бугојно, а една од жртвите е нивни колега.
– Сите сме потресени. Ова е загуба за целиот град. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на жртвите, но и во име на моите сограѓани, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Денот на погребот на жртвите ќе биде и Ден на жалост во Бугојно – рече градоначалникот Ајкуниќ.
Повредените се пренесени во болницата Травник, а по преглед се вратени во болницата Бугојно.