По кратко боледување на 48 годишна возраст почина џез музичарот, трубач и професор по труба Александар Николовски.

„Александар Николовски работеше како наставник по труба во ДМБУЦ Илија Николовски-Луј, со голема љубов и посветеност кон инструментот и учениците, за да ги насочи и запознае со музиката и светот од другата страна на животот,поблескавата. Беше тивок и свој, без многу муабети, ишаретите ни ги кажуваше преку очите или гримаса и се беше јасно. Воглавно една добрица од човек,колегијален и секогаш спремен за убави нешта“ – се вели во дел од соопштението од колективот.

Александар Николовски свиреше со голем број џез и латино бендови. Настапуваше на голем број музички џез фестивали со разни музичари и музички формации. Тој потекнува од музичко семејство, чии родители Благоја и Марија Николовски беа познати и признати македонски музички уметници, а неговата сестра Сузана долгогодишен музички соработник во програмите и емисиите на МРТВ.

Еден од неговите последни настапи беше на минатогодишниот „Џез фестивал 2020“ во Куманово, од чиј извадок се простуваме од прерано згаснатиот живот на македонскиот музички уметник.