Триесет и тригодишен државјанин на Косово се удави денеска на Велика плажа во Улцињ, пренесува порталот Ул-инфо.
– Тоа е третото лице што се удави на истата локација во рок од една недела, објавува локалниот црногорски портал.
Според порталот, на сите места за капење на Велика плажа денеска биле истакнати црвени знамиња, со што ги предупредиле туристите дека пливањето во морето е опасно.
Во понеделникот се удави младо момче од Босна
Младо момче од Босна и Херцеговина се удави во понеделникот на Велика плажа во црногорскиот приморски град Улцињ. Како што јавуваат босанските медиуми, станува збор за Мемсуд Бешлиќ (28) од градот Високо, потврдија неколкумина негови пријатели за порталот „Аваз“.
Овој трагичен настан длабоко ги потресе неговите сограѓани кои се уште се во шок и неверување. Бешлиќ важеше за примерен и образован млад човек.
Компанијата „Транспорт Хајдаревиќ“, каде што бил вработен како возач на камион, со тага ја дочекала веста за неговата смрт и од таму изјавиле дека бил посветен и вреден работник.
Инаку, Мемсуд живеел со своето семејство во населбата Б. Махала во Високо, а неодамна се верил со својата девојка и планирал наскоро да се ожени со неа. Но, судбината тешко си поигра со плановите на овој млад човек, кои за жал не се остварија.
Трагедијата се случила во понеделникот на 2-ри август, кога силни струи и немирното море го зедоа младиот живот. И покрај брзата интервенција на спасувачите на плажата и брзата помош, за жал, младиот Мемсуд не успеа да се спаси.