Во сообраќајната несреќа што се случи на автопатот М-17 во Доња Јабланица (Босна и Херцеговина) загина возачот на фолксвагенот Ш. Б. додека жената која седела на совозачкото седиште била тешко повредена и пренесена во мостарската болница.
Како што изјави дежурниот обвинител кој ја води истрагата, несреќата се случила во близина на изворот Комадино во Доња Јабланица околу 10 часот и 25 минути кога возачот на фолксвагенот под се уште неутврдени околности преминал на левата лента од автопатот и се судрил директно со камион МАН кој доаѓал од спротивен правец.
„Станува збор за повозрасно лице и се претпоставува дека се работи за замор или срцев удар, но утре ќе има обдукција, па ќе знаеме повеќе детали. Тој одел од правец на Мостар кон Сараево и наеднаш преминал во спротивната страна на патот и директно се судрил со камионот од спротивната насока. Камионџијата не можел ништо да преземе за да ја спречи несреќата. Ова го потврдија тројца сведоци“, изјави одговорниот обвинител.
Жената која се здобила со тешки телесни повреди со возило на Брза помош била пренесена во Кантоналната болница „Д-р. Сафет Мујиќ“ во Мостар и не се сеќава на ништо. Повеќе детали ќе бидат познати откако ќе бидат преземени сите законски дејствија за утврдување на сите околности на несреќата и расветлување на случајот со смртен исход.