Прилепските угостители се соочуваат со огромен недостаток на персонал поради тоа што поголем дел од младите кои работат во овие објекти, заминаа ова лето во странство, најголем дел од нив во Хрватска. Според некои проценки над 7.000 Македонци ова лето ќе работат во угостителските објекти по хрватското приморје.
Во Прилеп има 80-тина угостителски објекти, каде работат над 700-мина, а недостигот на персонал се движи некаде околу 40%.
Спасот го гледаат во давањето на законска можност да вработуваат и средношколци кои не можат да заминат во странство на работа.
„Има некои законски рамки да бидат како приправници, за да можеме регуларно да ги вклопиме во системот на работа во угостителството. Само имаме некоја пречка, што во школството кој во која школа учи, во која насока, не можеш да го вклопиш во угостителство, како фармација, здравство… се надеваме дека за брзо ќе се реши тоа. Моментално може да се вработуваат 18 годишници, што се 4 година на школо, што завршуваат, матуранти“, рече Јорданчо Момироски, претседател на друштовото за угостителство и туризам „Меанџии Прилеп“.
Од Агенциите за посредување при вработување на младите во странство велат дека оваа година хит дестинација за заминување на печалба била Хрватска.
Потенцираат дека младите ќе продолжат да заминуваат преку лето да работат во странство се додека немало системски измени во нашиот угостителски сектор кој би им овозможиле подобри услови за работа.
„Проблемот не е во тоа што ќе поминат сезонско вработување, проблемот е карактерот на вработувањето. Тие кандидати ќе се вработат во Хрватска и ќе работат сезонски, без можност за некое стално или подолгорочно вработување, а од друга страна тие ќе се вратат во Македонија и повторно ќе бидат невработени лица. Се додека не се смени кај нас во системо, начинот на организирање на работата во угостителството“, кажа Ирена Петреска, регионален менаџер на Агенција за посредување при вработување во странство.
Според некои проценки над 7.000 Македонци ова лето ќе работат во угостителските објекти по хрватското приморје.