– Пентагон потврди дека САД обучуваат украински воен персонал за ракување со „Свичблејд“, оперативен тактички систем што испушта дронови со експлозив.

– Во консултации со Украинците се согласивме дека „Свичблејд“ има такви способности што тие можат да ги употребат, не е сложен систем да се научи да се ракува и да се употребува ефективно… И оваа обука не е се само за еднаш, изјави на денешниот брифинг Џон Кирби, портпарол на Пентагон.

Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, на сослушување во Конгресот вчера изјави дека САД обучуваат украински војници како да ракуваат со напредно оружје.

– Секако, тие треба да поминат низ подготовка. И ние тоа го правиме, изјави тој на сослушување во Претставничкиот дом пред Комитетот за вооружени сили на САД.

На сослушувањето беше и началникот на Генералштабот на вооружените сили на САД, кој изјави дека подготовката на украинските војници се случува „сега во САД“.

Што се „камиказе дронови“ и како напаѓаат?

Големи само 60 сантиметри и тешки 2,5 килограми овие дронови, кои летаат директно кон целите, можат да се носат во ранец.

Во списокот со оружје од Белата куќа што се испраќа во Украина како дел од новиот пакет воена поддршка од 800 милиони долари што го објави претседателот Џо Бајден во средата — меѓу речиси 10.000 противоклопни оружја, 800 противвоздушни системи „Стингер“ и илјадници пушки — се појавија 100 „тактички беспилотни воздушни системи“.

Но, ова не се големите американски дронови што сте навикнати да ги гледате.

100-те беспилотни системи кои се упатуваат кон Украина се всушност мали беспилотни летала „Switchblade“.

За разлика од беспилотните летала „Предатор“ со долг дострел, кои изгледаат слично на мали авиони и испукуваат проектили кон цели, најмалиот модел Switchblade може да се стави во ранец и лета директно во целите за да ја активира својата мала боева глава.

Помалку од 60 сантиметри и тежок само 2,5 килограми, Switchblade 300 може да се лансира од мала цевка која наликува на минофрлач, по што може да лета до 15 минути. Поголемиот Switchblade 600 е ефикасен против оклопни цели и може да лета повеќе од 40 минути, но тежи 20 килограми, според производителот.

Американскиот функционер не можеше да каже дали еден или двата система ќе бидат вклучени во 100-те единици наменети за Украина.

„Овие беа дизајнирани за Командата за специјални операции на САД и се токму тип на вооружени системи што можат да имаат непосредно влијание на бојното поле“, рече Мик Малрој, поранешен заменик-помошник секретар за одбрана и аналитичар за национална безбедност и одбрана за Еј-Би-Си Њуз.