Вечерва бугарската „БНТ“ информираше дека е разрешена мистеријата околу осмиот патник, кој наводно е меѓу спасените од трагичната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија.

Според телевизијата, грешката настанала во болницата „Пирогов“.

-Ставен е крај на мистеријата – зошто има несовпаѓање меѓу списокот на повредени во несреќата и списокот на учесници во патувањето на македонската туристичка компанија.

Шади Науф ал Салех се јави во редакцијата. Тој објасни дека нема никаква врска со несреќата. Тој е бугарски државјанин, а во саботата бил примен на трауматолошкиот оддел на Пирогов поради скршеница на раката. Излегува дека во клиниката по грешка го внеле во списокот со повредени од автопатот Струма. Салех веќе е отпуштен од болницата, објави „БНТ“.

Оваа забуна се појави откако на денешната прес конференција на бугарското јавно обвинителство, е кажано дека од автобусот се извлечени 44 тела, а 8 од патниците преживеале. Претходно се сметаше дека загинале 45 патници.