Еден од исчезнатите македонски државјани на Халкидики, пронајден е жив и е во релативно добра здравствена состојба, потврдуваат за дописничката на МИА од Атина извори од крајбрежната служба на Грција.

Според истите информации на МИА, станува збор за 30- годишен државјани на Северна Македонија, кој по над 17 часа од исчезнувањето е пронајден од товарен брод што пловел во близина во морскиот дел југозападно од Касандра.

Акцијата и потрагата на грчката крајбрежна служба, на грчкиот спасувачки тим и спасувачи волонтери продолжуваат за пронаоѓање на вториот исчезнат.

– Поточно, хеликоптерот на воздухопловните сили кој од утрото учествуваше во потрагата по двајцата исчезнати лица во Посеиди, Халкидики, лоцираше едно од двете млади момчиња во морето, на 14 наутички милји од копно (околу 26 километри). Тој беше превземен од блискиот брод под знамето на Гибралтар, а потоа брод на крајбрежната стража го презеде за да го однесе до пристаништето Неа Скиони, пишуваат грчките медиуми.

Според информациите на newsit.gr, станува збор за 30-годишниот исчезнат, чиј татко и брат дошле од Скопје да учествуваат во потрагата.

– Всушност, тој беше пронајден во доста добра состојба, и покрај многуте часови што морал да плива, поголем дел нив во текот на ноќта, пишува порталот.

Порталот newsit.gr објави и снимка од моментот кога таткото и братот брзаат со бродот на крајбрежната стража да стигнат на местото каде е пронајдено младото момче.