Владата на чело на Управата за извршување на санкции го назначи Јовица Стојановиќ кој и претходно во период од август 2017-та до ноември 2020-тата беше директор на Управата. Потоа една година, Стојановиќ беше и директор на најголемиот македонски затвор во Идризово, но со влез на Алтернатива во владата, Стојановиќ лани беше разрешен и вратен на позицијата воспитувач во тетовскиот затвор.

Стојановиќ е именуван за ВД директор на Управата за извршување на санкциите, откако на вчерашната владина седница беше разрешен досегашниот директор на Управата, Марјан Спасовски.

Минатата недела затвореникот Беким Мемети успеа да избега од затворско комби откако во договор со чуварите исценирал повреда и рани еден од чуварите со нивен пиштол. Потоа, Спасовски е сменет, а на негово место се враќа искусниот Јовица Стојановиќ. Владата одлучи и да распише оглас за нов директор на Управата за извршување на санкциите.

Од друга страна, владата одлучи да не чепка во директорската позиција во Идризово каде исто така вршител на должност, а се уште нема распишан оглас. Пред заминувањето на Заев од премиерскиот кабинет, партијата Алтернатива го бараше и се пофали дека го добила директорското место во Идризово. Тогаш и заврши мандатот на Јовица Стојановиќ, но повторно е вратен во Управата на денешната владина седница.