Битолчанец злоупотребувајќи ја довербата на својот пријател и сосед, му ги дознал податоците од личната карта и трансакциската сметка и подигнал брз кредит на име на оштетениот пријател, објави телевизија Телма.
Од МВР известија дека во оваа измама вредна 22 илјади денари било вмешано и трето лице, женска пријателка на измамникот на чија сметка стигнале парите. Измамата се одиграла по електронска банкараска апликација.
Иако станува збор за суми кои се движат до максимум 700-тини евра, од МВР ни одговорија дека имаат почести пријави со злоупотреби на туѓи лични карти за брзи кредити.
На територија на СВР Скопје е пријавен еден случај, но измамникот успеал да оштети граѓанин и со неговите лични податоци да подигне кредити во три различни сервиси за брзи пари.
Во Велес пак е забележана највисоката измама, велешанка успеала со туѓа лична карта и кредитна картичка, најпрвин да го убеди сервисот за брз кредит да и даде на заем 39 илјади денари, а потоа да ги земе парите од банкомат со украдената кредитна картичка.
Најчесто овие електронски крадци ги крадат документите на невнимателните граѓани и брзаат во сервисите за брзите кредити и преку итна процедура успеваат да ги престигнат оштетените пред да пријават во полиција дека им ги нема документите.
Така се случило и во Куманово, каде на жена и биле украдени документите и пред да пријави веќе и биле подигнати 14 илјади денари брз кредит од банкомат.
Во реонот на СВР Охрид имало три случаи кога со украдени лични податоци биле подигнати брзи кредити, но откриен е само едне крадец.
Во СВР Струмица имало две кражби на поадтоци кои непознати сторители ги искористиле за земање брз кредит во три различни фирми.
Сепак рекордер е Штип, тамошната полиција има пријави за 6 случаи, досега СВР Штип поднел една кривична пријава против 5 сторители кои со измама земале брзи кредити.
Единствено решение за овие случаи е зголемена будност и на граѓаните, и на полицијата и на сервисите за брзи кредити.