Две лица се пренесени во болница, откако биле повредени по удар од гром. Настанот се случи на плажата „Оревче“, во близина на кампот „Градиште“ во Охрид, попладнево, откако градот го зафати силно невреме со дожд, ветер и грмежи, објави порталот А1он.

Неофицијално, како што јавува А1он, станува збор за две лица од Ресен и Битола. Тие се пренесени во Медицинскиот центар во Охрид. Едното лице има изгореница на ногата, а другото проблеми со слухот.

Денеска на плажата беше откажан и настапот на двајца диџеи, поради лошото време. Најголем дел од плажите целосно се испразнија, како и масите од угостителските објекти кои се поставени на отворено. Вакво време имаше и вчера, се очекува и наредните денови, со поинтензивни врнежи на дожд и појава на град.

Центарот за управување со кризи излезе со препораки и апел за наредните денови, за кога е најавено променливо облачно, врнежливо и посвежо време, претежно попладне наместа со пороен дожд и грмежи.

„Покрај потребата за превенција заради најавеното невреме со поројни дождови и ветар, до субјектите од системот за управување со кризи, ЦУК апелира и за лично граѓанско превентивно однесување за време и после невреме во одредени локални региони. Покрај препораката за градоначалниците и субјектите во Системот за управување со кризи за преземање превентивни мерки, неодминливо е да се апелира и до сите граѓани да не движат покрај речни корита и суводолици (за време и по локално невреме), заради можни брзи и ненадејни порои, да престојуваат и да се засолнуваат во простори што се на пониско ниво и може да бидат поплавени и секако, во случај на појава на грмежи и електрични празнења се препорачува поголема внимателност; да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја“, информираа од ЦУК.