На денешната 101-ва седница, Владата донесе измени и дополнувања на мерките за спречување на ширењето на Covid-19 според кои се дозволува организирање и одржување на спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, кладилници, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30% од капацитетот на просторот, а на отворено до 50 % од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките за заштита , со поседување сертификат за примена на најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Останува забраната за одржување свадби, родендени и други приватни прослави во затворените делови на угостителските објекти, како и сите други мерки согласно одлуката од 99-та седница според која за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД-19 или
– Сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, како и за влез во затворениот дел од моловите.

Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжително e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД-19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.

Останува и забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИД-19 документи.

Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат:

– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени најмалку две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19; или
– Сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или
– Медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Македонија.

За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата после 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Странските државјани кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.

Владата денеска ги усвои и Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта, во учебната 2021/2022 година, како и протоколите за постапување на средните и на основните училишта во Mакедонија, за реализација на воспитно-образовниот процес, со физичко присуство на учениците, во учебната 2021/2022 година.

На оваа своја седница Владата го разгледа Извештајот на ЈП Национални шуми за штетите од пожарите заклучно до 15 август и во него се констатира дека од вкупно 9.907 хектари зафатени со пожарите, 8.803 хектари отпаѓаат на површини со шуми или завршиле во шуми, при што изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса.

Согласно оваа информација, Владата го задолжи ЈП Национални шуми да донесе програма за пошумување со план за активности уште во текот на оваа есен.

Дополнително, Владата го задолжи ова јавно претпријатие целокупната количина опожарена дрвна маса како последица од пожарите да остане во сопственост и со неа целосно да стопанисува ЈП Национални шуми.

Врз основа на препораките на Главниот штаб за управување со кризи, Владата донесе одлука за укинување на забраната за движење во шуми и шумски предели, и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да спроведуваат засилени контроли за заштита и спречување на пожари на отворено.

Владата денеска донесе одлука со која ги задолжува сите министерства и органите на државната управа да ги разгледаат можностите за потребите на пописот да ги стават на располагање на Државниот завод за статистика времено вработените во овие институции, и истото им го препорача на единиците на локалната самоуправа и на институциите под нивна надлежност.

На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата ја разгледа информацијата за пристапување на Република Северна Македонија на Меморандумот за разбирање за олеснување на патниот транспорт на стоки во регионот на Организацијата за Црноморска економска соработка и донесе одлука да пристапи во членство на оваа организација. Една од придобивките од членството во оваа организација е олеснувањето на патниот транспорт и постепената либерализација на транспортниот пазар во земјите на црноморскиот регионот во кој членуваат Албанија, Бугарија, Турција, Грција, Романија, Русија, Украина, Молдова, Грузија, Азербејџан и Ерменија.

За таа цел е создаден „БСЕЦ систем на дозволи“, кој претставува важен мултилатерален механизам за спроведување на либерализацијата на транспортниот пазар во земјите членки на организацијата со распределбата на годишните квоти на дозволи за камионски превоз на стоки.

На 101-та седница Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата во врска со можноста за аплицирање за Климатскиот инвестициски фонд, и го задолжи Министерството за економија во име на Владата на Република Северна Македонија да ја пополни апликацијата за изразување на интерес за учество во Програмата за Интеграција на обновливи извори на енергија и за учество во Програмата за забрзување на транзицијата од јаглен, кај Климатскиот инвестициски фонд.

Целта на оваа програма, меѓу другото, е да се поддржи транзицијата од јаглен/ фосилни горива во некои од земјите во развој кои користат и произведуваат јаглен, вклучително и оние каде што производството од термоелектраните на јаглен е доминантно во енергетскиот микс, информираат од Владата.