Марко Арнаутовиќ направи голема разлика на теренот со влегувањето во игра, но откако го постигна третиот и клучен гол за победа на Австрија, уште еднаш демонстрираше зошто не направи кариера каква што му се предвидуваше пред десетина година.

Проблематичниот темперамент на Арнаутовиќ често беше негова верна сенка и служеше како сопирачка во кариерата, а иако неговите квалитети никако не можат да се доведат во прашање, Марко во завршницата се погрижи да биде персона нон грата кај фудбалските фанови во Македонија.

Откако го постигна голот за 3:1, Арнаутовиќ му се потсмеваше на Алиоски и го провоцираше за потврдата на победата, па во дадениот случај, доби лекција од Давид Алаба кој беше максимално коректен цел натпревар, пишува Дерби.мк.

Капитенот на Австрија се обидуваше да ги смирува страстите во сите мешаници и тензичните моменти на теренот, а по голот на Арнаутовиќ, се обидуваше да му ја затне устата на напаѓачот и го натера да прекине со прозвивките и провокациите.

По натпреварот, капитенот Горан Пандев бараше објаснување од Арнаутовиќ за непотребната реакција, па по краткиот разговор, двајцата се прегрнаа и пријателски се разделија.