Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили ја презеле контролата врз клучниот аеродром Хостомел во близина на Киев, објави руската новинска агенција Интерфакс.

Тие тврдат дека при заземањето биле користени 200 руски хеликоптери и десантни сили. Тие рекоа и дека Киев е „блокиран од Запад“, пренесува Би-Би-Си.

– Во операцијата беа вклучени повеќе од 200 руски хеликоптери. Успехот на слетувањето беше обезбеден со сузбивање на целиот систем за противвоздушна одбрана во областа за слетување, целосна изолација на борбеното подрачје од воздух. За време на заземањето на аеродромот, беа убиени повеќе од 200 националисти од специјалните единици на Украина, пренесува руското интернет-издание rusvesna.su повикувајќи се на извори од руското Министерство за одбрана.

Зеленски го повика Путин да преговара

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска по вторпат и се обрати на Москва и упати директен апел до Владимир Путин.

– Би сакал уште еднаш да му се обратам на претседателот на Руската Федерација. Борбите се во тек низ цела Украина. „Ајде да седнеме на преговарачка маса за да се запре убивањето на луѓе“, рече Зеленски.