На автопатот Суботица – Нови Сад, во близина на клучката кај Бачка Топола, околу 12,45 часот се случила тешка сообраќајна несреќа во која учествуваа две патнички возила, а дури девет лица се повредени, јавуваат српските медиуми.
Од полициското одделение Суботица велат дека девет повредени лица, учесници во сообраќајната несреќа, со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во болниците во Врбас и Суботица.
Судирот на две возила се случил на иста сообраќајна лента кога едно од возилата, веројатно поради неприлагодена брзина, удрило во задниот десен дел од другиот автомобил. По судирот, едно возило се превртело и запрело покрај автопатот.
Истрагата е во тек, а сообраќајот е забавен, но немало прекини во движењето на возилата. Возилата се движат по левата лента.
Македонски државјани меѓу повредените
РТВ јавува дека несреќата се случила кога возачот на патнички автомобил БМВ со британски регистарски ознаки изгубил контрола над возилото поради неприлагодена брзина и густ сообраќај и удрил во задниот дел на „опел зафира“ со белгиски регистарски ознаки, кој бил запрен на лентата за застанување поради дефект.
Како што беше кажано за РТВ во Општата болница во Суботица, шест учесници во несреќата, родители со четири деца, државјани на Белгија со потекло од Македонија, биле пренесени во оваа институција.
Децата и нивниот татко се полесно повредени, додека мајката е потешко повредена, се здобила со фрактура на карлицата.
Откако заврши истрагата, како што беше соопштено од Патиштата на Србија, сообраќајот на оваа делница од автопатот беше нормализиран.