Темно кафеава коса, кафеави очи, протези на забите и бемка на десната страна на лицето. Ова е фотографијата на Вања која ја нема повеќе од 24 часа. Низ улиците на Дебар Маало и местото каде исчезнала залепени се летоци со нејзиниот лик. Земени се снимки од безбедносните камери од околните објекти по трасата низ која се движела пред исчезнувањето, но таму нема ништо затоа што камерите имаат близок опсег.

Последен пат е видена на булеварот „Партизански Одреди“, во близина на кафулето „Броз Кафе“. Вработените во кафичот велат дека не забележале ништо, но дека полицијата ги проверила нивните камери.

Министерството за внатрешни работи (МВР) официјално денеска го објави исчезнувањето на  девојчето со слика и опис во регистарот за исчезнати лица.

„Ние интезивно работиме. Формиран е штаб при СВР Скопје. Максимално сме посветени при наоѓање на девојчето. Постојано сме во контакт и со семејството. Извршени се низа на разговори со блиски луѓе и со лица со кои мислиме дека можат да имаат податоци и се гледаат видео материјали и се прават мерки кои се потребни за да се расчисти случајот“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Објавата на мајката на девојчето вчера беше масовно споделувана и преполна со коментари. Некои од граѓаните предлагаа да се собираат и да го бараат девојчето, да се проверат камерите во близина на Дебар Маало каде последен пат е видена и низа други предлози. Но, истовреме се споделуваа и некои дезинформации и критикување на работата на полцијата. Мајката замолува граѓаните да се воздржат од непотребни коментари.

„Задоволна сум од работата на полицијата, која во текот на ноќта и денес активно ја бара ќерка ми. Замолувам да не се шират дезинформации“, напиша Зорица Ѓорчевска, мајка на исчезнатото девојче, на социјалните мрежи.

Девојчето исчезна вчера откако излегло од дома и тргнало накај училиште. За многу брзо време нејзиниот телефон бил исклучен, а класниот раководител ја информирал мајката дека девојчето не е на часови, по што мајката веднаш пријавила во полиција и започнала потрагата.