Врховниот суд уште на 7-ми мај ја укинал пресудата со која Васил Јованов беше осуден на 3 години и 10 месеци затвор за трговија со дрога. Но, освен соопштение на веб страната, Врховниот суд не ги известил ниту адвокатот, ниту обвинителството, ниту обвинетиот Јованов, ниту неговите адвокати.

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 07.05.2025 година, донесе пресуда КВП2-43/25, со која го уважи барањето на осудениот В.Ј. од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено преку бранителот Панче Нефтенов, адвокат од Скопје, ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-1047/24 од 05.02.2025 година и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување“, се вели во соопштението на Врховен суд.

При денешното изрекување на пресудата за прегазувањето на Фросина Кулакова, укинатата пресуда беше спомната како правосилна пресуда и една од отежителните околности и Јованов беше осуден на 12 години затвор.

Таа правосилна пресуда сега е укината и не постои во правниот поредок, па Апелација ќе треба да одлучува повторно во истиот процес во кој Јованов е обвинет за трговија со дрога.