Голема прашина последните неколку дена се дигна во Босна и Херцеговина поради локалниот репрезентативец Анел Ахмедхоџиќ, кој на 25 години реши повеќе да не настапува за репрезентацијата.
Причина се нападите врз него и неговото потесно семејство. Поточно, многумина сметаат дека зборовите на неговиот татко Мирсад се клучни и дека за сѐ е виновна неговата сопруга Маријана.
Станува збор за Црногорка која му родила син и која минатото лето преминала во ислам, но според Мирсад, кого и Анел го осуди, таа не е добра за него.
-Тој веќе не е мој син, не го сметам повеќе за мој син. Му посакувам добро. Најдобро. Цела војна се борев, три пати бев ранет. Сакав син ми да игра за земјата која јас ја создадов со мојата крв, но го одвратија лоши луѓе кои мислат само на личен интерес – изјави Мирсад и додаде:
– Таа нејзина мајка… Не знам што му направија, но планираа да нѐ отстранат како родители. И тоа им успеа за Нова година. Дека нејзината мајка и таа отишле во Дубаи да се забавуваат, а го оставиле детето дома, а тој период имал натпревари и отсуствувал , наводно поради полесна повреда.
Тој се присети на почетоците на Анел во Англија.
– Со него тогаш заедно отидов во Англија, со приватен авион од Шефилд. Таа девојка тогаш немаше виза. Два месеци беше фокусиран без неа. Тогаш никој не му пречеше. Беше најдобар играч кога дојде. Само што дошла до него, тој почнал да пропаѓа.
Во меѓувреме, Анел за својот татко рекол:
– Да кажувам дека жена ми ми фрлила црна магија е многу навредливо за мене, а особено за мојата сопруга, бидејќи е одлична. Многу е тешко да се најде жена која ќе се грижи за тебе како таа и јас сум многу среќен што мојот син има толку неверојатна мајка. И после кажува дека не ме пушта на репрезентативни натпревари? Тоа е смешно и само го покажува нивото на интелигенција што го има овој лажго. Има многу сопруги на фудбалери кои не се грижат за кариерата на нивните сопрузи, но таа никогаш не пропушти натпревар, дури и кога беше во деветтиот месец од бременост, дојде на мојот натпревар само неколку дена пред да го роди мојот син. Таа е мојот најголем поддржувач и да кажам дека нема да ме пушти е глупаво, но што можеш да очекуваш од нарцис?“
Маријана вели дека не ја сменила верата поради Анел:
– Решив да преминам во ислам, не само поради љубовта кон Анел. Најголемата причина е што исламот е убава и правилна религија. Ова го направив за себе, за да живеам на најдобар можен начин. И тоа е доволно да се каже на оваа тема – изјави таа за „Аваз“ минатата година.