Почна ловот на „касапот од Буча“, ветеран неодамна благословен од Руската православна црква, за кој постои основано сомневање дека е одговорен за масовните злосторства во предградијата на украинската престолнина Киев, пишува хрватски Јутарњи лист.

Осомничениот за масовни злосторства врз цивили во Буча беше идентификуван од украинските разузнавачки служби заедно со Informnapalm, волонтерска иницијатива која ги следи активностите на руската армија и специјалните служби.

Станува збор за потполковник Азатбек Омурбеков, командант на 64-та руска моторизирана бригада, која беше вклучена во окупацијата на Буча, град на околу 40 километри од центарот на Киев.

– Руските трупи под негова команда садистички убиваа цивили во нивните домови, а имаше извештаи за брутални силувања на жени и деца. По повлекувањето на руските трупи, откриени се бројни масовни гробници, како и бројни трупови на отворено, меѓу кои имало целосно голи жени, со врзани раце зад грб, стои во објавата.