Екипата на Динамо Букурешт ја освои својата петта последователна титула во првенството на Романија, но прославата помина во сенка на трагедијата во семејството еден од најдобрите играчи на Динамо и репрезентацијата на Романија, Хавиер Хумет.

Сопругата на Хумет доживеа мозочен удар и се наоѓа во болница. Клубот на Хумет на профилот на социјалните мрежи постави објава во која ги повикува сите да бидат поддршка на ракометарот и неговата сопруга во овие тешки моменти.

– Бог ги тестира Хавиер Хумет и семејството Динамо. Вечерта после освојување на титулата сопругата на Хави имаше мозочен удар и е хоспитализирана. Потребна е нашата молитва, ставете ја Ана Аида во мислите кон Господ и да бидеме со нив во овие времеиња, стои во објавата на Фејсбук на клубот Динамо.

Хумет е ракометар кој е роден во Барселона, но сега настапува за репрезентацијата на Романија. Во 2014 година тој потпиша за Констанца и од тогаш не ја напушти земјата. Играше и за Стеауа и ЧСМ Букурешт, а од 2020 година е член на Динамо Букурешт.

Во Констанца ја запозна Ана Аида која му стана сопруга. Во 2017 година Хумет стана романски државјанин и има право на настап за репрезентацијата на Романија каде што е еден од најдобрите играчи.

Исто така и голем дел од ракометарите на Динамо Букурешт ја покажаа својата поддршка за својот колега кој минува низ тешки моменти. Неколкумина од колегите објавија пораки за поддршка на Фејсбук.