Колку вистински прележаните со Ковид-19 се обесправени со новите предлог рестриктивни мерки? Дали навистина тие што ја поминале болеста и стекнале природен имунитет, но не се вакцинирани се биолошки ризик и за да одат на работа мора двапати неделно да прават ПЦР?, анализира телевизија Сител.
– Ова се дел од бурните реакции на социјалните мрежи, особено што потврдата за прележаност трае само 45 дена и Македонија е единствената земја во светот каде тој рок е најкраток. Во развиените земји се признава од 6 до 12 месеци. Тоа го поткрепува и статистиката во земјата. Во моментот на Инфективна немаат пациент кој по втор пат се заразил, но имаат хоспитализирано десетина вакцинирани со две дози.
Епидемиологот Даниловски во Тема на денот на Сител изјави дека тој праг мора да биде променет.
– Прележаните граѓани со овие мерки не треба да бидат дискриминирани. Некои од нив по прележувањето развиваат имунитет и имаат антитела со петоцифрени вредности и дополнително вакцинирање по тоа не дека ќе им штети по здравјето, не, но е надвор од секоја логика. И тоа прележување најмалку 6 месеци, а не 45 дена, вели проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог.
На иста линија со Даниловски е и Нико Беќаровски, кој на Фејсбук објави дека ставањето на вистински прележаните болни во иста група со невакцинираните непрележани граѓани е медицински неоправдано.
– Во лифт се чувствувам побезбедно кога се возам со вистински прележан болен од Ковид-19 во последните 6 месеци, отколку со комплетно вакциниран од пред шест месеци, напиша д-р Беќаровски.
Од 211.831 дијагностицирани со Ковид од почетокот на пандемијата досега, само 822 се регистрирани како реинфекции што е 0,3 проценти од вкупниот број. За разлика од повторно заразените, според извештајот на МЗ за изминатите три месеци – 31 процент од новодијагностицираните и 20 проценти од починатите биле имунизирани. Експертите велат – да, вакцините засега се единственото оружје против вирусот, но не со обесправување на оние кои ја прележале болеста и на кои лекарите им советуваат да поминат најмалку три месеци пред да одат во некој од пунктовите.