За време на неговата долга кариера во Формула 1, Михаел Шумахер се етаблира како еден од најдобрите возачи во историјата на овој мотоспорт.
Од своето деби во 1991 година, до пензионирањето во 2012 година, Шумахер дури седум пати беше шампион во Формула 1 и успеа да постави многу возачки рекорди, кои сѐ уште не се соборени. И покрај неговите успеси на тркачките патеки, тој се сметаше за многу приватна и сложена личност, за што повеќе ќе се дискутира во новиот документарен филм „Шумахер“ на „Нетфликс“, кој треба да излезе денеска.
„100 проценти совршено. Не би можел да живеам со себе ако се стремам кон нешто пониско“, се зборовите на познатиот германски возач во Формула 1, на почетокот на трејлерот за документарецот за неговиот живот.
Гледачите на ова достигнување ќе имаат можност да видат досега необјавени снимки од приватната архива на семејството Шумахер, како и интервјуа со познати личности од Формула 1, како Берни Еклстон, Жан Тод, Мика Хакинен, Дејмон Хил и Флавио Бријаторе.
„Шумахер“ го режираа Ханс-Бруно Камертенс, Ванеса Некер и Мајкл Вех. Овој документарен филм премиерно ќе биде прикажан на „Нетфликс“ на 15 септември.
Ќе го видиме ли Шумахер конечно?
Исто така, документарниот филм ќе понуди увид во тркачката кариера на Шумахер и ќе ги информира гледачите како се чувствува легендарниот возач по ужасната скијачка несреќа по која тој е „прикован за кревет“ речиси осум години, а информациите за неговата здравствена состојба стигнуваат „на лажица“.
Во годините по фаталната несреќа додека скијаше на француските Алпи, неговата состојба беше под строг превез на тајност. Сето ова ги натера сите што го сакаат и го следат Шумахер да се сомневаат во неговото закрепнување.
Едно од најновите „ажурирања“ дојде од Жан Тод, поранешен шеф на Ферари и близок пријател на Шумахер, кој изјави дека „Михаел преживеал благодарение на грижата на неговата сопруга Корина“.
Покрај изјавите на Жан Тод, позната е и изјавата на неговото семејство по повод 50 -тиот роденден на Шуми (2019), во која се наведува дека „тие прават се за да ја одржат легендата во Формула 1 во живот“, како и дека „самиот Мајкл инсистира на тоа дека неговата состојба останува приватна работа “.
Неврохирургот Ерик Редерер неодамна изјави дека „Шумахер е во вегетативна состојба“, а потоа додаде два охрабрувачки факти: може да седи и да прави „бебешки“ чекори. Но, за жал, како што рече, ништо повеќе од тоа.
Во текот на 2020 година, се зборуваше дека третманот со матични клетки може да го „регенерира“ нервниот систем на Шумахер, како што изјави друг неврохирург, Никола Акијари. Во секој случај, третманот беше откажан поради пандемијата на корона вирусот.
„Михаел е различен, но тука е“
Сопругата на Михаел Шумахер вели дека тој е тука, но е различен, додека продолжува да се рехабилитира од повредите на мозокот, со кои се здоби во скијачка несреќа во декември 2013. Тоа е првпат семејството на Шумахер јавно да каже нешто за неговата состојба, што е дел од новиот документарец за седумкратниот шампион во Формула 1, што ќе се прикажува на „Нетфликс“ од 15 септември.
„Тој и натаму секој ден ми покажува колку е силен. Живееме заедно дома, правиме терапија. Правиме сè што можеме за да му биде подобро и поудобно и да го чувствува присуството на семејството. Без разлика на сè, продолжуваме со нашите животи како семејство“, вели Корина Шумахер во филмот.
Шумахер (52) извозе 19 сезони во Формула 1, каде што синот Мик го наследи оваа година. Од несреќата, тој заздравува во приватноста на семејниот дом покрај Женевското Езеро во Швајцарија.
„Многу ми е важно да продолжиме да уживаме во приватноста. Михаел секогаш нè штител и сега ние го штитиме него“, вели Корина.
Таа и Михаел се венчаа во 1995 и заедно ја имаат и ќерката Џина.