Од ОЈОГОКК за „360 степени“ потврдуваат дека има реализација на акција под раководство на обвинител на ова Обвинителство, но засега не даваат дополнителни детали за акцијата која сè уште е во тек
Политичари, бизнисмени и инспектори се меѓу приведените при акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) и Министерството за внатрешни работи, дознава „360 степени“.
Според неофицијални информации, акцијата се спроведува утрото на повеќе локации во Скопје и околината. Досега се приведени шест или седум лица, но со кривичната пријава се опфатени повеќе.
Според првичните информации, меѓу приведените е Исмет Гури, член на ДУИ, кој неодамна беше осуден на казна затвор од три и пол години за изборни нерегуларности, како и неговиот син. Дознаваме и дека приведени се инспектори на Управата за јавни приходи каде Гури беше заменик-директор. Апсењата се поради сомнение за перење пари и затајување данок.
Од ОЈОГОКК за „360 степени“ потврдуваат дека има реализација на акција под раководство на обвинител на ова Обвинителство, но засега не даваат подолнителни детали за акцијата која сè уште е во тек. Најавуваат целосна информација за во текот на денот.
Акцијата за „360 степени“ ја потврдуваат и од МВР. „Во моментов има претреси што започнаа утрово на повеќе локации главно во Скопје но и во околината. Има неколку уапсени лица. Акцијата е во соработка со ОЈОГОКК. Се работи за организирана криминална група“, велат од МВР за “360 степени“.
И полицијата најави дека повеќе детали ќе соопшто подоцна.
Инаку, Исмет Гури и Ејуп Алими од ДУИ во петокот (14 јули 2023г.) добија затворски казни од по три години и шест месеци од Основниот кривичен суд Скопје во повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал.