По премиерата на филмот „Тома“ – кој зборува за животот на легендарниот пејач Тома Здравковиќ (1938 – 1991), публиката не престанува да се интересира за деталите од неговиот живот.
Бидејќи станува збор за биографска приказна, се подразбира дека настаните прикажани во филмот се претежно вистинити, но режисерот Драган Бјелогрлиќ откри дека сепак постојат измислени сцени и ликови – како на пример докторот Aлекса Хаџипоповиќ, за кој се крена голема прашина.
Од друга страна, постојат низа случувања од животот на истакнатиот боемски крал – неистакнати, односно непласирани во неговата филмската приказна.
Живот испреплетен со љубов кон жените, страст за коцкање, алкохол и стихови кои сѐ уште живеат во бесконечноста.
Во продолжение за вас издвоивме повеќе факти од животот на еден од најголемите автори и вокални уметници, единствениот Тома Здравковиќ:
1. Сиромаштијата го натерала да побегне од своето родно село
Тома Здравковиќ е роден на 20 септември 1938 година во селото Печењевце, близу Лесковац. Неговиот татко Душан бил месар, а неговата мајка Косара била домаќинка.
Таа родила пет деца и тоа: најстариот син Александар, потоа Иван, Тома, ќерката Мирјана и најмладиот Новица.
Растејќи во сиромаштија, Тома сфатил дека животот на село не го привлекува, па на своја 15-годишна возраст заклучил дека единствениот негов излез е пеењето. Сепак, Тома завршил само основно училиште и посетувал обука за тракторист.
2. Неговиот прв јавен настап сепак не бил поврзан со пеење
Кон крајот на основното училиште, Тома станал член на аматерскиот театар во неговото родно село. На еден натпревар во Лесковац, тој ги освоил симпатиите на публиката за улогата на Потеа во „Зона Замфирова“.
3. Пред пејачката кариера, Тома се занимавал со физичка работа
Бидејќи во неговото родно место не можел да најде работа, тој заминал во Лесковац каде што секојдневно се занимавал со тешки, физички работни активности на градилиштето, а за време на паузите седел на скалите и потпевнувал.
4. Првпат во кафеана го одвела неговата муза – Силвана Арменулиќ
Во Лесковац, сосема случајно, во 1956 година Тома ја запознал пејачката Силвана Барјактаревиќ, подоцна Арменулиќ.
Имено, Силвана го одвела во кафаната „Радан“, каде настапувала со својот оркестар. Таму Тома научил да пее народни и староградски песни.
5. Неговиот прв албум бил објавен без рекламa
Во 1963 година, издавачката куќа „Дискос“ го објавила неговиот албум без никакво рекламирање.
6. Се појавил во два филма и две серии
Легендарниот пејач се појавува во два српски филма: „Балкан експрес“ и „Боље од бекства“, а исто така и во две серии и тоа: „Докторка на селу“ и „Бољи живот“.
7. Негова духовна исполнетост била да им помага на луѓето
За време на неговиот живот, покрај музиката, душата на Тома ја исполнувала хуманоста.
Тој на секакви начини им помагал на луѓето – со цел да ги направи среќни, а во едно од неговите последни интервјуа тој изјавува:
„Ми се допадна играта на „добар човек“, да им помагам на луѓето: да купам некому сто каранфили, јакна, да направам нешто лудо – нешто што не е нормално за другите. Тоа ми годеше…
Парите ми служеа да се забавувам, бидејќи сѐ тоа ме интересираше. Ако се најдам во друштво на коцкари – и тоа исто така ме интересираше. Но, јас се коцкам надвор од системот.
Во тие кругови, тие велат дека јас сум најголемата овца родена за коцкање, и тоа најверојатно е вистина. Додека тие играат за пари, јас се забавувам. И кога немав пари, бев мирен и среќен…“
8. Својот прв солистички концерт го одржал по цели 26 години кариера
Во февруари 1982 година, во Домот на синдикатите во Белград, Тома го одржал својот прв солистички концерт по 26 години музичка кариера.
9. Поради неговиот „турбулентен“ живот Тома останал без речиси ништо
Тој целиот свој имот го „заложил“ во кафанските седенки, како и во казината со своите пријатели – оставајќи зад себе само еден еднособен стан на Петлово Брдо во Белград.
10. Mногу песни посветил на своите (но и туѓи) жени
Тома бил познат како човек кој исклучително ги сака жените. Интересен е фактот дека неговите песни всушност во главно се инспирирани од страна на женскиот пол.
11. Се оженил четирипати
Неговата прва сопруга е Олгица и со неа ја има ќерката Жаклина. Втората Милица, а третата е Нада Радановиќ од Цетиње. Четвртата сопруга на Тома, добропознатата Гордана, со која го има синот Саша, живее во Торонто.
Првото дете на Тома Здравковиќ, Жаклина, денес живее во Холандија и е мајка на две момчиња, а другиот наследник Александар (Саша) живее во Америка и се занимава со музичка продукција.
12 Се борел со ракот цели 17 години
Прикован за кревет, на врвот на славата во 1991 година, Тома се борел со ракот на простата цели 17 години.