Поранешниот првак во пливање и истакнат судија, Стефан Андоновиќ, ненадејно почина на 30-годишна возраст, информира Здружението на пливачки судии во Србија изразувајќи сочуство до семејството на младиот спортист.

„Со огромна жалост ја информираме јавноста дека ненадејно и прерано не’ напушти Стефан Андоновиќ, поранешен српски репрезентативец во пливање и истакнат пливачки судија“, стои во соопштението.

Андоновиќ е роден на 13 мај 1991 година во Белград. Беше член на пливачкиот клуб Партизан. Освои дури 11 индивидуални трофеи. Беше кадетски, јуниорски и апсолутен државен првак на 200 метри пеперутка, а освои и многу други медали во различни дисциплини на државни и на меѓународни натпреварувања.

Со трогателни посвети од Стефан се простија и семејството Андоновиќ, но и неговата девојка Сања Андрејевиќ.