Петнаесетгодишната руска суперѕвезда на уметничкото лизгање Камила Валиева се наоѓа во центарот на првиот голем допинг скандал на Зимските олимписки игри во Пекинг. Таа денеска се појави на тренингот откако руските медиуми објавија дека имала позитивен допинг тест.

Валиева беше дел од рускиот тим кој во понеделникот освои златен медал во екипна конкуренција, пред САД и Јапонија, но доделувањето медали беше одложено поради необјаснети законски причини. Валиева на тој настап го изведе првиот четирикратен скок во олимписката историја.

Руските весници „РБЦ“ и „Комерсант“ објавија дека Валиева била позитивна на „триметадазин“, лек против ангина и вртоглавица, кој може да го зголеми протокот на крвта и да ја подобри издржливоста, поради што се наоѓа на листата забранети супстанци на Светската антидопинг агенција (ВАДА).

Прославениот кинески пливач Сун Јанг доби тригодишна суспензија во 2014 поради користењето на овој лек.

Рускиот олимписки комитет досега не потврди дали Валиева имала позитивен тест, кој наводно бил направен пред Валиева да победи на Европското првенство во Естонија минатиот месец. Случајот дополнително се комплицира со фактот дека Валиева има само 15 години. Според правилата на ВАДА, имињата на малолетните прекршители на допинг правилата не треба да се објавуваат јавно.