Општина Мариупол соопшти дека градот вчера бил погоден од две „супермоќни бомби“, но не наведе дали има жртви.

– Окупаторите не ги интересира градот … сакаат да го срамнат со земја, се наведува во соопштението на градската управа.

Жителите кои заминаа од Мариупол за невладината организација „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) изјавија дека „улиците во градот се затрупани со трупови и остатоци од уништени згради, а илјадници луѓе се отсечени од светот, скриени во подруми без вода, храна, електрична енергија и комуникации“.

– Руските сили денеска ги бомбардираа и населбите околу главниот град на Украина и борби се водат во Ирпин и Хостомељ, на приодите кон Киев, изјави гувернерот на тој регион Олександр Пављук.

Претходно на Твитер се појавија видео на кои наводно се снимени воздушните напади врз источниот украински град Краматорск.

Исто така е објавено видео на кое наводно се гледа како руските сили користеле забранета фосфорна муниција.

Што е фосфорна бомба?

Фосфорната бомба е забранета со Женевската конвенција од 1980 година.

Меѓу сите запаливи материи што се користат во запалива муниција, белиот фосфор зазема посебно место. Ова се случува поради неговите уникатни хемиски својства и пред сè поради температурата на согорување, која достигнува 800-1000 Целзиусови степени.

Друг важен фактор е способноста на оваа супстанција спонтано да се запали при интеракција со кислород во воздухот. Кога гори, белиот фосфор ослободува густ отровен чад, што исто така предизвикува изгореници на внатрешниот респираторен тракт и труење на телото.

Доза од 0,05 до 0,1 грам е фатална за луѓето, а во зависност од количината топи човечко месо.