Македонија може да жали што не успеа да се избори за место на Светското првенство во Катар, но тоа што му се случи на Алжир е спортска драма и несреќа за нив, но од друга страна, среќа за Камерун.
Алжир на првиот меч на гости кај Камерун победи со 1:0, но синоќа на домашен терен по 90 минути игра, Камерун беше тој што имаше предност од 1:0 со голот на Чупо Мотинг, па мораа да се играат продолженија.
Домаќините напаѓаа и успеаа да постигнат гол за 1:1 во 118-тата минута, кој значеше дека тие ќе играат на Светското првенство во Катар. Но, делириумот на стадионот само за неколку минути се претвори во молк и неверување затоа што Камерун даде гол во 120+4 минута и на крајот победи со 2:1 и се пласира на Мундијалот.
Алжирските фудбалери во немоќ лежеа по теренот, а на селекторот дури и му се слоши поради шокот и примениот гол.
Од друга страна, Камерунците бескрајно славеа, а меѓу нив беше и легендарниот Самуел Ето.
Синоќа во Африка се одиграа петте реванш бараж-дуели и се дознаа сите патници за во Катар. Покрај Камерун, на планетарниот собир ќе бидат и Гана, Сенегал, Тунис и Мароко.