Земјите кои протераа руски дипломати нема да ги затворат руските амбасади, бидејќи во спротивно ќе видат катанец на нивните амбасади, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– Нема да ставаат катанец (на амбасадите на Русија), бидејќи тогаш ќе видат катанец на нивните амбасади – рече Захарова.
Според неа, земјите кои протерале руски дипломати ќе добијат одговор кој ќе биде „тежок и во корист на Русија“, пренесе „Спутник“.
ЕУ и некои земји, вклучувајќи ги Германија, Франција, Шпанија и Италија, одлучија да протераат руски дипломати претходно оваа недела.
На 28 март Министерството за надворешни работи извести дека бил повикан Амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин, кому му била врачена дипломатска нота, со која петмина вработени во Амбасадата на Руската Федерација се посочени како непожелни во земјава или персона нон грата.
Согласно информациите добиени од надлежните органи, наведените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена.