Економската криза во светот и поскапувањето на градежните материјали, генерираат значително зголемување на цените на недвижностите во Црна Гора.
– Квадратен метар стан во Подгорица чини повеќе од 2.000 евра, а во центарот на Будва 5.000 евра. Истовремено, побарувачката е зголемена и сопствениците на агенциите за недвижности велат дека се што се нуди на пазарот се продава, пишува Блиц бизнис.
Цените на градежните материјали скокнаа и до 200 отсто, па инвеститорите ги зголемија и цените на становите за 15 отсто.
– Тоа не влијаеше на побарувачката. Претпоставувам дека луѓето се плашат од инфлација и инвестираат во недвижен имот, објаснува еден од нив за црногорскиот весник „Побједа“, додавајќи дека цените на становите во нивните згради се од 1.300 до 1.800 евра за метар квадратен.
– Кај инвеститорите веќе нема станови. Сега сопствениците продаваат и тие цени се значително над реалните. Факт е дека на пазарот нема ни големи трособни станови. Не зборувам само за нашата агенција затоа што сум во контакт со колегите. За становите во изградба не знам, бидејќи инвеститорите со кои соработувам се уште не ги градат, коментира за „Побједа“ Мира Радовиќ, директорка на Агенција за недвижности.
Нејзината агенција одамна нема станови во понуда, а слушнала, вели, дека цените се движат од 1.900 до 2.000 евра за метар квадратен.
Минатата година и црногорскиот пазар на недвижности забележа значително зголемување на интересот и продажбата во однос на кризата од 2020 година, кога пазарот беше во голем пад поради короната.
Инвеститори и претставници на агенции за недвижности за „Побједа“ велат дека цените на становите се зголемиле од десет на 20 отсто, главно поради поскапувањето на градежните материјали и на работната сила.
Поскапувањето продолжи и годинава.