Најмалку 15 војници загинаа, а тројца тешко се повредени во пожар во касарна во источна Ерменија, соопшти Министерството за одбрана.
„Според првичните информации, 15 војници загинаа поради пожар што избувна во инженерскиот и снајперскиот оддел“, соопшти Министерството.
„Состојбата на тројца војници е сериозна“, се додава. Според соопштението на министерството, пожарот избувнал во денеска во раните утрински часови во селото Азат, во провинцијата Гегаркуник (ест), а причината се уште не е утврдена.
Властите велат дека пожарот е предизвикан од небрежност, односно невнимателна употреба на бензин за да се запали камин.
Обвинителството соопшти дека на 19 јануари во 05:15 часот, воената база контактирала со Воената полиција и соопштила дека околу 01 часот избувнал пожар при палење камин со бензин во зградата на воената база во село Азат.
– Во пожарот загинаа 15 регрути. Уште 6 регрути и 1 офицер се хоспитализирани со изгореници, јавува ерменската новинска агенција Армен пресс.
Покрената е кривична пријава за отежнато прекршување на безбедносните правила со опасни материи што од небрежност предизвикало повеќекратна смрт. На местото на настанот е воениот обвинител на Ерменија Григор Елизбарјан. Инспекторите работат на утврдување на околностите на инцидентот.
Во август, повеќе од десет луѓе загинаа во експлозија и последователен пожар на многу фреквентен пазар во главниот град Ереван.
Ерменија, кавкаска земја со три милиони жители, се опоравува од тешкиот пораз претрпен во војната во 2020 година против соседен Азербејџан и од политичката криза што следеше. И покрај фактот дека борбите завршија, тензиите сè уште опстојуваат меѓу двете соседни земји.
Последните тензии деновиве се однесуваат на блокадата на коридорот Лачин, кој ја поврзува Ерменија со регионот Нагорно-Карабах, меѓународно признат како дел од Азербејџан, но контролиран од етничкото ерменско малцинство, со помош на Ерменија.