Пет камиони со приколка и 37 автомобили се судрија вчера на 26-иот километар од автопатот М1, од страната што води кон излезот од Будимпешта. По верижниот судир избувнал пожар и во несреќата изгореле 19 возила, а повредени се вкупно 36 лица, од кои едно се здобило со повреди опасни по живот. Тринаесет лица се здобиле со тешки телесни повреди.

Се претпоставува дека причина за несреќата бил силен ветер кој со себе носел прашина и со тоа ја отежнал видливоста на автопатотот, но засега нема официјална потврда за ваквите наводи. Ова во објава на фејсбук го напиша и управителот на унгарските автопатишта – Hungarian Concession Infrastructure Development Plc.

Автопатот М1 во близина на Будимпешта, по несреќата изгледаше како сцена од филмовите за катастрофи.

На едно од видеата кои се појавија по судирот може да се види мајка како оди со мали деца покрај патот, а на неколку метри од нив насекаде има уништени автомобили. Некои од учесниците во судирот дури ја пробиле банкината на автопатот. Прашина и чад се креваат на сите страни, од запалените автомобили. Огнот најверојатно се ширел од едно на друго возило.

Во гаснење на огнот со кој биле зафатени возилата учествувале повеќе од 70 пожарникари.

„Пожарникарите имаа многу тешка задача на местото на судирот, бидејќи мораа да спречат пожарот да се прошири понатаму, како и да им помогнат на патниците заробени во возилата“, изјави Анет Сабо Бистрич, портпарол на Управата за катастрофи во округот Фејер.

Неколкумина од повредените од местото на несреќата биле пренесени во болница со хеликоптер на Итната медицинска помош.