Црногорската полиција трага по жена која на 12-ти април со фалсификувани документи на клиент на „Ловќен банка“ подигнала 1,3 милиони евра од сметката. Како што дознава „Блиц“, таа дури двапати отишла во банка со лажни документи, а нејзиниот вистински идентитет се уште не е познат.
– Полицијата се уште го нема нејзиното име, по неа се трага. Дошла во банка со лична карта која не е нејзина, односно лажна, побарала да ги подготват парите, дошла следниот ден и ги подигнала, вели изворот на „Блиц“.
Според црногорски „Вијести“, таа банкарска институција ја известила полицијата ден подоцна, кога будбамката М.О. рекла дека не барала да и бидат исплатени парите што ги чувала во банка.
Од Управата на полицијата неофицијално велат дека тогаш било утврдено дека парите му ги дале на лице кое приложило фалсификувана лична карта на име на М.О.
Камерите ја снимиле измамничката
Измамничката наводно на 11 април најавила дека ќе ги повлече заштедите во филијалата на банката во Херцег Нови, од каде, со оглед на големата сума, била информирана кога да дојде. Еден ден подоцна влегла во банката со ранец, ги зела парите и си заминала.
По наредба на обвинител се преземаат мерки и дејствија за откривање на непознатото лице кое ја извршило измамата. Како што дознава „Блиц“, снимките од надзорните камери јасно ја забележале сторителката.
Измамата била откриена кога документите биле испратени во седиштето на банката во Подгорица, од каде стапиле во контакт со клиентката, која им кажала дека не дошла во Црна Гора повеќе од една година.
Внатрешна истрага се води и во банката каде е извршена измамата.