Руската ракометарка Викторија Дивак трагично почина во понеделникот, само неколку недели пред својот 30-ти роденден. Безживотното тело на несреќната Викторија го пронашле соседите пред зградата во која живеела, а полицијата потоа извршила истрага и ги испрашала сведоците и сите станари во оваа зграда.
Според првичните информации, девојката паднала од осмиот кат, од прозорецот на станот во кој живеела. Сепак, повеќе руски медиуми, повикувајќи се на полициски извори, објавија дека ракометарката паднала од балконот, а не од прозорецот.
Нејзиниот мобилен телефон и чаша вино биле пронајдени на терасата, додека вратата од станот била заклучена одвнатре. Причината за смртта се’ уште не е позната, а се сомнева дека станува збор за спој на несреќни околности.
Нејзините пријатели се збунети од објавите непосредно пред трагедијата ги споделила на социјалните мрежи. Имено, во 11 часот се пофалила дека купила нова мачка и веднаш објавила нејзини фотографии на своите профили. Само три часа подоцна, Викторија починала, а на местото на трагедијата не била пронајдена ниту една порака.
Ден пред смртта, Викторија одигра натпревар против ЦСКА (28:37).
Викторија Дивак кариерата ја започна во локалниот ракометен клуб Динамо-Синара, со кој трипати од 2011 до 2013 година беше шампион на Русија. Како дел од јуниорската репрезентација во 2009 година освои сребро на Европското првенство и сребро на младинските Олимписки игри во 2010 година.
Подоцна играше за краснодарскиот клуб Кубан, германскиот Хале Нојштад, францускиот Ахенхајм и белорускиот Гомел. Во 2021 година, Викторија играше за Астраханочка. Три пати беше шампион на Русија.
Викторија ќе биде погребана во четврток, на гробиштата во Волгоград.