Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека меѓу жртвите во нападот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград има и ученичка од француска националност.
– Со тага дознавме за вооружениот напад што се случи во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград утрото на 3 мај, кој предизвика голем број жртви меѓу учениците и наставниците, меѓу кои и ученичка од француска националност, се наведува во соопштението на веб-страницата од министерството.
Осум деца и еден обезбедувач утрово се убиени во вооружен напад на четиринаесетгодишен ученик во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград. Шест ученици и еден наставник се повредени, а напаѓачот е уапсен.
– Нашите служби и нашата амбасада во Белград се мобилизирани да ја пружат сета своја поддршка на семејството на нашата млада сонародничка. Мислиме и на семејствата на жртвите, на кои им изразуваме најдлабоко сочувство, како и на многуте повредени, на кои им посакуваме брзо закрепнување – се додава во соопштението.
На веб-страницата на француската амбасада во Србија е објавено кратко соопштение од српското министерство во кое не е наведено дека меѓу жртвите има и една Французинка. И францускиот весник „20 минути“ објави дека меѓу жртвите има и една француска ученичка.
Весникот ги пренесува изјавите на српските функционери и додава дека овој тип на напади е исклучително редок во балканските земји.