Шеснаесет полицајци од Полициската станица Какањ денеска се уапсени од припадници на полициската управа на МВР на Зеничко-добојскиот кантон. Ова денеска го потврди портпаролот Елведин Фишек во обраќање пред новинарите по акцијата.
„Во моментов од слобода се лишени 16 полициски службеници од Полициската станица Какањ и истите се спроведени во седиштето на Управата на полицијата на ЗДК МУП Зеница каде ќе бидат спроведени за кривична постапка. Потоа ќе видат предадени, заедно со извештај, до надлежното кантонско обвинителство“, рече Фишек.
Министерот за внатрешни работи Бенјамин Синановиќ изјави дека поради систематизација во ПС Какањ има околу 60 полицајци, ќе се прераспределат и од други полициски станици кои се блиску до Какањ за да бидат безбедни граѓаните.
Претходно МВР соопшти дека овие лица се осомничени за здружување за извршување кривични дела во врска со кривичните дела злоупотреба на службената положба или овластување, како и кривичните дела примање подароци и други облици на корист, откривање службена тајни, неовластено производство и пуштање во промет на опојни средства и тешка кражба.
Конкретно, полициските службеници кои се цел на оваа акција се осомничени дека ја искористиле положбата на полициски службеници за да им овозможат на криминогени лица да се впуштат во криминални активности и наместо да ги спречат, тие им помагале, а во замена за корист што ја добиле од нив.
Меѓу другото, станува збор за нелегална експлоатација на јаглен во месноста Какањ.