Тројца Срби од Косово и Метохија загинаа, а двајца беа тешко ранети во судирите со косовската полиција во неделата во селото Бањска. Оваа информација ја потврди и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Тој пред новинарите во Белград изјави дека двајца Срби биле убиени од снајпер од голема далечина и дека „постои страв дека е убиено и четврто лице“.

Сепак, многу информации се уште се под превезот на тајноста. Според „Вечерње новости“, сите тројца загинати се од Косово и Метохија и тоа Игор М. и Б.М од Лепосавиќ и С.Н од Звечан. Игор М. (50) работел како возач на брза помош во Клиничко-болничкиот центар на Косовска Митровица.

Единствените официјално објавени информации потврдуваат дека еден од ранетите В.Т., по укажаната помош во болницата во Митровица, бил префрлен во Приштина, каде што бил опериран, бидејќи има две рани на ногата. Според неофицијални информации, станува збор за семеен човек кој неодамна добил трето дете.

Директорот на Клиниката за ортопедија Гани Јашаница изјави дека повредениот е во добра здравствена состојба и има две рани, пренесува Коха.

– Има две рани. Му се оштетени бутната коска и ‘рскавицата, делот под коленото, но тој е во стабилна состојба. Денеска го посетив. Ќе остане во болница уште неколку дена – изјави Јашаница.