Излезната анкета на парламентарните избори во Бугарија која ја спроведе агенцијата Галуп покажува дека во новото бугарско собрание влегуваат шест политички групации. Резултатите покажуваат дека водечка, исто како и на априлските избори е коалицијата на ГЕРБ која ја предводи поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Тие се претполага дека освоиле 22,1 отсто од гласовите а според тоа, во новиот парламент би имале 59 мандати.
Веднаш зад ГЕРБ, со минимална разлика во бројките е новата политичка партија на шоуменот Слави Трифонов – „Има таков народ” со 21,5 отсто. Тие во 46-то Народно Собрание на Бугарија ќе бидат претставени со 58 пратеници.
За споредба, на изборите кои се одржаа во април оваа година, ГЕРБ имаше поддршка од 26,18% од избирачите и доби 75 мандати, додека „Има таков народ“ располагаше со 51 мандат, врз основа на освоените 17,66 отсто од гласовите.
На третото место се бугарските социјалисти со 15,1%. Тие го повторија резулатот од април, но според распоредот на гласовите, најваројатно ќе имаат двајца пратеници помалку во овој собраниски состав, односно 41 наместо досегашните 43.
Излезните резултати покажуваат сериозен пораст на поддршката и на коалицијата „Демократска Бугарија” која од 9,45% во април сега ужива доверба кај 13,7 отсто од гласачите. Од априлските избори тие впишаа 27 мандати а сега ќе имаат десет пратеници повеќе.
Зад нив е досега неприкосновената „трета партија“, Движењето за права и слободи кај која има пораст на добиените гласови и со 12,0 отсто во Народното Собрание, нејзините интереси ќе ги застапуваат 32 пратеници.
Последна од партиите која го надмина изборниот праг од 4 отсто е онаа на поранешната обвинителка Маја Манолева, „Исправи се-мафијата надвор!“.
Според анализите на Галуп, ниту една друга партија вклучувајќи ја и коалицијата на претседателот на ВМРО БНД, Красимир Каракачанов со 3,2 отсто останува под бариерата која овозможува влез во бугарскиот парламент.
Интересен е податокот дека гласачите се помалку заинтересирани за изборите со оглед дека одѕивот во април бил 50,61%, додека на овие парламентарните избори на гласање излегле само 38,5 проценти од запишаните избирачи.