Поради технички дефект, авионот на Ер Србија кој летал од Белград за Скопје со гости за ОБСЕ, по 20 минути кружење над Скопје, морал да се врати во Белград. Полетал во 13 часот и 25 минути од аеродромот Никола Тесла. На патниците им било кажано, дефект на леталото не е опасен и не го спречил слетувањето, но авионот би останал приземјен во Скопје, бидејќи таму не би можело брзо да се сервисира.
Потоа се вратил назад и безбедно слетал на аеродромот во Белград во 15:51 часот, а на официјалната веб страна на скопскиот аеродром е објавено дека летот ќе доцни неколку часа и авионот ќе слета околу 20 часот. Станува збор за авион кој Ер Србија го изнајмува и во кој имало екипаж од Данска. Сите седишта во авионот биле исполнети бидејќи со овој лет летале голем дел од гостите кои доаѓаат на самитот на ОБСЕ што се одржува во Скопје.
ТАВ Македонија извести дека авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје во следните неколку дена – денеска, утре и на 1ви декември, за време на одржувањето на 30. Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, ќе функционира регуларно, но притоа апелира до патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот Скопје, со цел да бидат во можност на време да пристигнат на своите закажани летови.