Љупчо Палевски Палчо, кој е осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски може да биде држен во притвор во Турција максимално до една година, велат за Телма адвокати од Турција кои се бават со оваа проблематика.

Турското министерството за правда пред два дена ги информирало македонските колеги дека стигнало барањето за негово екстрадиција. На Палевски, по неговото апсење во Баликесир, му беше одреден притвор од 40 дена. Барањето беше испратено по сите три возможни канали. До турското министерство за правда и за надворешни работи и преку Интерпол.

Адвокатката Бегум Гурел за Телма го опиша процесот. Следниот чекор кој треба да го преземе Министерството за правда е барањето за екстрадиција да го препрати до обвинителството, па до Судот за тешки кривични дела кој ќе изврши вреднување на делото.

„По завршувањето на овој период од 60 дена по оценката на судовите овој период може да биде продолжен за максимален период од една година. Согласно оценката на судовите на пример ќе речеме дека за сторителот е одредена мерка притвор од 60 дена, од државата ќе биде побарано да бидат испратени документи, по поднесувањето на барање за испраќање на документи судот може да донесе пресуда, притвореното лице може да ја обжали пресудата, се расправа по жалбата и се донесува правосилна пресуда, се добива ставот од Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи, тоа се пренесува до Министерството за надворешни работи а потоа и заедно со ставот на претседателот на државата се испраќа одговор до државата која има испратено молба за екстрадиција. Еве ова би бил мојот краток одговор на вашето прашање“, вели адвокатката Бегум Гурел за Телма.

Од Министерството за правда претходно брифираа дека за екстрадицијата на Палевски ќе бидат потребни месеци и изразија надеж дека тоа ќе се случи пред јуни, наредната година. Во меѓувреме МВР побарала и ДНК од Палевски и се очекува наскоро да стигне и материјалот за анализа преку меѓународно правната помош. Палевски на 30 декември ја напуштил државата и преку Србија и Бугарија, стигнал во Турција.