Актуелниот претседател Стево Пендаровски и пратеничката Гордана Силјановска-Давкова речиси сигурно ќе имаат уште еден дуел за претседателската функција, објави ФОКУС.

Откако се судрија на претседателските избори во 2019 година, се очекува тие да се соочат и на претстојните избори за шеф на државата во мај годинава, со оглед дека и двајцата засега избиваат како прв избор во владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Иако во двете партии официјално не потврдуваат кои ќе бидат нивните претседателски адути, посочувајќи дека тоа ќе се знае откако ќе се направат сите анализи и ќе поминат внатрепартиските процедури, сепак, сите неофицијални информации укажуваат на реприза на дуелот Пендаровски-Силјановска.