Тешка сообраќајна несреќа во која се повредени двајца родители и нивните две деца се случила во саботата напладне на провинцискиот пат Спарта-Геракиу во соседна Грција, а медиумите објавија и шокантна снимка од моментот на несреќата.

Возилото во кое се движело семејството директно се судрило со автомобил управуван од поранешниот префект на Лаконија, Костас Фуркас, кој и покрај тежината на судирот е полесно повреден.

На видеото објавено во медиумите, се гледа како автомобилот управуван од Фуркас се движи право напред и одеднаш влегува во спротивната лента и се судри со другото возило чиј возач се обидел да сврти лево за да го избегне сударот, но безуспешно.

По судирот, второто возило било пронајдено надвор од патот додека возилото што го управувал поранешниот префект завршило во заштитните прегради.

Во судирот тешко се повредени двете деца од семејството на возраст од 19 и 14 години, кои се возеле во автомобилот во кој удрило возилото на Фуркас. На 19-годишната девојка и е извршена спленектомија бидејќи крварела и се лекува во болницата во Спарта, додека 14-годишната е префрлена во детската болница „Аја Софија“ со делумна руптура на слезината, црниот дроб и бубрезите. За среќа ниту едно од двете деца не е во животна опасност. Возачот на возилото и неговата сопруга се полесно повредени и се задржани на лекување во болницата Спарта.

Од страна на семејството чии членови се повредени, се жалат дека кога од поранешниот префект веднаш по сообраќајната незгода било побарано да се подложи на алкотест, тој првично одбил, но на крајот бил принуден од спасувач од Брза помош кој бил на местото на настанот.

Според информациите на protothema.gr, и Фуркас и возачот на другото возило конечно биле подложени на алкотестирање, но резултатите се уште не се познати.