На интернет се прошири снимка од аеродромот во Краков на која се гледа како го приведуваат Aлександaр Усик со лисици на рацете зад грб.
Имено, непоразениот украински боксер е уапсен од се уште непознати причини, а сопругата на Александар преку социјалните мрежи објасни дека тоа не е кривично дело.
Полицијата го приведе Усик на аеродромот додека се подготвуваше да отпатува за Лондон на боксерската пресметка меѓу Даниел Дубоа и Ентони Џошуа, кои се борат на Вембли оваа сабота.
Менаџерот на Усик Егис Климас го пренесе коментарот на Усик:
„Драги пријатели, ова е недоразбирање. Сè беше решено брзо. Ви благодариме на сите за загриженоста, благодарност до украинските дипломати за нивната ефикасна поддршка.
Почитување и на полската полиција за спроведување на правдата без разлика на висината, тежината, должината на рацете и статусот“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така интервенираше за да се расчисти недоразбирањето околу апсењето на Усик што е можно поскоро.
„Зборував со Усик. Разочаран сум од ваквиот однос кон нашиот граѓанин и шампион. Ги задолжив министерот за надворешни работи и министерот за внатрешни работи Ихор Клименко веднаш да го решат инцидентот на аеродромот во Краков. Нашиот шампион е слободен“, изјави Володимир Зеленски.