Четворица членови од исто семејство починале во ковид центарот во тетовската болница, потврди за Слободен печат доктор Миранда Пајазити.
Сите четворица пациенти биле од исто семејство и според едпидемиолошката анкета дале податок дека присуствувале на свадбена прослава, а починале во период од една недела.
–Сега е пандемија. Насекаде треба да има аларм за негрупирање и дистанца. Кај нас тие мерки не се почитуваат и за жал имаме многу голем број починати. Повеќето се со слаб имунитет и се е генетика. Имаме починати неделава четворица од исто семејство. Тие се заразиле на свадба и за жал починаа. Лицата се од една фамилија, живееле во две куќи една до друга и постојано биле во контакт. Кога се зема целата фамилијарна анамнеза, се гледа дека имаат наследни болести и слаба генетика. Имаме и семејства каде имале многу тешка клиничка слика па излегле со добри резултати од болница. Граѓаните не се чуваат, имаат слаб имунитет и повеќето се невакцинирани. Седат во групи, не носат маски, а не се вакцинирани, ни изјави доктор Пајазити.
Според неа, делта варијантата на ковид е многу распространета и лесно се шири, а причината што толку млади пациенти завршуваат фатално е слабиот имунитет и тоа што не се вакцинирани.
-Делта варијантата е посилна и за разлика од претходната варијанта, каде еден заразен можеше да зарази максимум тројца, сега еден може да зарази деветмина, вели докторката.
Во тетовскиот ковид центар кратко, на неколку часа била третирана и најмладата пациентка во земјава која почина вчера на 15 годишна возраст. За неа од болницата ни кажаа дека била донесена во исклучително тешка состојба, со пневмонија а лекувањето го отежнувало и тоа што имала прекумерна телесна тежина, поради што решиле да ја препратат на Инфективната клиника во Скопје. Но и таму и покрај сите администрирани лекови, лекарите не успеаја да се изборат за нејзиниот живот. Еден ден претходно, во тетовската болница од ковид починала и нејзината мајка.
Во ковид центарот во Тетово изминатата ноќ починале двајца пациенти. Хоспитализирани се 108 лица, а имало 146 амбулантски прегледи.