По повеќе од четири децении неизвесност, еден татко конечно ја пронашол својата ќерка која исчезнала како дете – приказна што многумина ја нарекуваат вистинско чудо.
Станува збор за жена која исчезнала во 1983 година, кога имала само три години. Нејзината мајка ја однела од домот под изговор дека ќе започнат нов живот во друга држава, по што им се губи секаква трага.
Таткото со години безуспешно се обидувал да стапи во контакт со нив, а потрагата траела децении. Во меѓувреме, девојчето пораснало, живеејќи под сосема друг идентитет, без да знае дека всушност се води како исчезнато лице.
Случајот со текот на времето бил затворен, а дури и нејзиното име било избришано од базата на исчезнати деца. Сепак, по повторно отворање на истрагата и нови дојави, полицијата конечно дошла до траг во 2025 година, кога ја лоцирала мајката во Флорида.
По нејзиното апсење, истражителите стапиле во контакт со ќерката и ѝ ја соопштиле вистината – дека целиот живот го живеела под лажен идентитет.
Набргу потоа следувал и емотивен момент: средба меѓу таткото и ќерката по цели 42 години.
„Таа секогаш беше во нашите срца. Не можам да го опишам моментот кога повторно ја прегрнав“, изјавил таткото, додавајќи дека тоа било чувство како повторно да се родила.

Жената, пак, изјавила дека никогаш не знаела дека е киднапирана или дека живее со лажен идентитет.
Случајот повторно отвори прашања за киднапирањата од страна на родители и пропустите во системот, но истовремено донесе и редок, среќен крај по децении неизвесност.

